CAM / CAD стоматологија
CAD / CAM стоматологијата е гранка на стоматолошката протетика која се бави со компјутерски потпомогнат дизајн и производство на забни протези, вклучувајќи коронки, лежишта за коронки, фурнири, мостови, стоматолошки импланти, протези (мобилни или фиксни) и ортодонтски помагала.
CAD / CAM технологијата овозможува изработка на соодветни, естетски и издржливи протези за пациентот.
CAD / CAM ги надополнува претходните технологии користени за овие цели преку комбинација од:
- зголемување на брзината за дизајнирање и изработка;
- зголемување на практичноста и едноставноста на дизајнот, изработката и вметнувањето на протезите и
- правење реставрации и помагала што инаку би биле неостварливи.
Другите придобивки вклучуваат намалување на поединечната цена и изработка на достапни реставрации и помагала кои инаку би биле скапи.
Иако услугата во истиот ден е придобивка што обично ја комуницираат стоматолозите кои нудат CAD / CAM услуги, времето потребно за работа на стоматологот обично се удвојува, поради што и цената е двојна.
Како и другите CAD / CAM полиња, CAD / CAM стоматологијата користи процеси на изработка како што се брусење со ЦНЦ или 3Д печатење за да произведе физички примероци од 3Д модели.
При реставрација со CAD / CAM протезата обично се изработува и поставува истиот ден. Конвенционалните протези, како што се на пример коронките, имаат временско растојание од една до неколку недели, додека протетичарот да ја изработи реставрацијата. Пациентот се враќа за да се отстранат привремените реставрации и да се зацементира или залепи финално изработената коронка. CAD / CAM системот му овозможува на стоматологот да изработи готов дизајн за само еден час. CAD / CAM системите користат оптичка камера за да состават виртуелен отпечаток преку создавање на 3Д-слика која се вметнува во софтверска програма и резултира со компјутерски генериран калап врз основа на кој се бруси реставрацијата.
Фурнирите изработени со CAD / CAM се поконзервативни во смисла за подготовка на забот. Бидејќи врзувањето е поефикасно со глеѓта на забот во споредба со дентинот, се внимава да не се отстрани слојот од глеѓ.
Сите CAD / CAM системи во принцип содржат:
- Оптички скенер што ја доловува интраоралната или екстраоралната состојба;
- Софтвер што може да ги претвори снимените слики во дигитален модел за дизајн и производство на протезата;
- Технологија за брусење која ги трансформира податоците во производ.
Вообичаено, забните реставрации со CAD / CAM се брусат од композитна смола или цврсти керамички блокови кои по боја одговараат на основната нијанса од забот. Некои од овие материјали бараат дополнителна обработка откако ќе се избрусат, како што е печење или синтерување.